НАИТМ на стратешко роадшоу низ Азија: Македонија се позиционира на азиските туристички пазари

Стратешки цели на роадшоуто

Оваа промотивна иницијатива е дизајнирана да воспостави директни деловни контакти меѓу македонските тур-оператори и водечките азиски туристички агенции, како и да ги презентира уникатните туристички производи на Македонија пред целните азиски пазари. Роадшоуто има за цел да гради долгорочни партнерства кои ќе резултираат со зголемен број на квалитетни туристи од регионот и да ја позиционира Македонија како автентична, културно богата и достапна дестинација за азиските патници.

Успешно реализирани настани во Тајпеј, Сеул и Токио

Роадшоуто се одржа во три клучни азиски метрополи – Тајпеј (25 ноември 2025), Сеул (26 ноември 2025) и Токио (28 ноември 2025). Македонските тур-оператори имаа можност директно да ги презентираат туристичките потенцијали на земјата пред водечки азиски агенции, туроператори и медиуми. Презентациите опфатија широк спектар на автентични содржини – од културното наследство и природните атракции, до гастрономската понуда и традиционалното македонско гостопримство.

Азиските туристички професионалци покажаа исклучителен интерес, поставувајќи конкретни прашања поврзани со организирање на специјализирани тури, можностите за сместување во различни категории, сезонските понуди и логистичките решенија за групни аранжмани. Особено беше истакнато дека на трите пазари, во подем се програми кои што ги вклучуваат Македонија, Албанија и Косово, а во Тајван, Балканот како дестинација е многу популарен. ТАВ Македонија подружница на ТАВ Аеродроми, аеродромскиот оператор на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле Охрид и Turkish Airlines активно придонесуваат во оваа иницијатива, овозможувајќи одлични авио-конекции, што значително ја зголемува достапноста на Македонија за азиските туристи.

Зошто азискиот пазар?

Азиските туристи претставуваат стратешки сегмент за македонскиот туризам поради неколку клучни карактеристики. Тие се одликуваат со висока потрошувачка моќ и склоност кон квалитетни туристички услуги, како и со длабок интерес за културни и природни атракции, историски локации и автентични искуства. Азиските патници покажуваат желба за откривање на помалку комерцијализирани, автентични дестинации, а растечкиот тренд на патувања кон Европа и Балканот дополнително го зголемува потенцијалот на овој пазар. Дополнително, азиските туристи се карактеризираат со долг просечен престој и интерес за комбинирани регионални тури.

Учесници

На роадшоуто учествуваa следниве шест македонски тур-оператори, членки на НАИТМ, кои нудат разновидни туристички производи – од културни и историски тури, преку активен туризам и гастрономски искуства, до специјализирани тематски аранжмани:

  • Bademtour
  • Balkan Prime Tours
  • Camellia Touroperator
  • Enjoy Balkans
  • Kompas Skopje
  • Visit Macedonia

 

Заклучок

НАИТМ, заедно со стратешките партнери ТАВ Македонија подружница на ТАВ Аеродроми, аеродромскиот оператор на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле Охрид и Turkish Airlines, продолжува активно да работи на промовирање на Македонија на меѓународната туристичка мапа. Ова роадшоу претставува важна стратешка инвестиција во долгорочниот развој на македонскиот туризам и привлекување на квалитетни посетители кои ќе придонесат кон одржлив раст на секторот.