Ценети членови на НАИТМ, Веруваме дека длабоко во сите нас тлее надеж за подобро утре. Веруваме, бидејќи и самите ние искусивме преголеми предизвици кои не ни претпоставувавме дека може да ни се случат. Овој тежок период никој не го остави рамнодушен и без грижи. Но, исто така цврсто веруваме дека секој од нас безусловно чува по еден зрак позитивна мисла - дека еден ден работите ќе се вратат во нормала. Свесни сме дека таа нормала ќе има и нова димензија и различен лик, но ќе се стреми да порасне во една цврста база по која сигурно ќе го трасираме новиот пат во дојдовниот туризам во Македонија. Привилегија е да се работи во овој сектор. Секој од нас кој со љубов работи тука е херој на своето време. Да се присетиме на убавите моменти, но и да не застанеме со погледите насочени во минатото. Затоа, ве повикуваме да ни ја укажете големата чест со вашето присуство на 5-та Македонска Туристичка Берза. Понесете го својот зрак позитивна мисла со себе за заедно да го обединеме во еден сноп светлина и симболично сите да ја претставиме зората – оној дел од денот кога темнината полека исчезнува. |
Да и погледнеме на вистината во очи, но да одговориме со работа, посветеност и верба во подобра иднина. Овогодинешната 5-та Македонска Туристичка Берза за прв пат ќе се одржува во онлајн хибриден формат. Тоа не значи дека ќе се разликува по обем, но сепак начинот на изведба и фокус дефинитивно ќе бидат променети. Со вашето учество на овој настан ќе присуствувате на конференција каде еминентни спикери од областа на туризмот ќе ги посочуваат успешните решенија на тековните предизвици како и стратегии за предизвиците кои следат по глобалната здравствена и економска криза, низ призмата на новата Дигитална економија. Главната цел што сакаме да ја постигнеме преку овој настан е да се соочиме со реалните очекувања, новите трендови и моменталната состојба на индустријата. Дозволете ни да ја сподели информацијата за учеството на, внимателно одбрани, 30 тур оператори од Обединетото Кралство, Германија, Швајцарија и Австрија кои во своите визии за успешна туристичка понуда ја имаат Македонија како дестинација. Фактот големите европски туроператори ја имаат нашата земја во нивните планови гласно говори за светлата иднина на македонскиот туризам. Но, не смееме ни да гo занемариме нивното долгогодишно искуство кое нè обврзува достојно да ја преставиме Македонија. Свесни сме сите дека во периодот што следува, отворањето на нови бизнис можности е од клучно значење за сите чинителни во дојдовниот туризам, затоа остварувањето на нови бизнис релации како цел ни е поставена на највисоко место. Во име на Управниот Одбор Претседател Влатко Сулев |
5-ТА МАКЕДОНСКА ТУРИСТИЧКА БЕРЗА 25-26.02.2021