Успешно одржано првото „НАИТМ нетворкинг туристичко кафе“ во Прилеп

На 4 мај 2022 во организација на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ) и општина Прилеп, успешно беше одржано првото „НАИТМ нетворкинг туристичко кафе“ за вмрежување на локалните туристички чинители со туроператорите за дојдовен туризам. Со овој настан се официјализираше соработката помеѓу двата субјекта, со што Прилеп стана прва општина член на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија.

На средбата учество зедоа туроператори кои работат дојдовен туризам и претставници на сите чинители од туристичкиот сектор на Прилеп: хотели и сместувачки капацитети од мал обем, ресторани, преставници од здруженија и спортски клубови, организатори на настани од авантуристички туризам, туристички водичи, изработувачи и дистрибутери на сувенири и сите останати кои имаат потенцијал да бидат дел од македонската туристичка приказна.

Со зачленувањето во НАИТМ сите настани кои се случуваат во Прилеп и целокупното културно наследство преку туроператорите за дојдовен туризам ќе бидат презентирани пред меѓународната јавност, а градот ќе биде ставен на мапата на светската туристичка понуда.

И се заблагодаруваме на општина Прилеп за одличната организација и гостопримство. Поставивме здрави темели за една успешна соработка на полето на туризмот. Одделението за локален економски развој при општина Прилеп покажа голема иницијатива за поврзување на локалните туристички чинители и туроператорите за идно унапредување на туристичката понуда во Прилеп.

ℹ️ https://www.prilep.gov.mk/opshtina-prilep-stana-chlen-na-nacionalnata-asocijacija-za-dojdoven-turizam-na-makedonija/