Националната асоцијација за дојдовен туризам тргната од Советот при Агенцијата за туризам

Наместо Националната асоцијалција за дојдовен туризам на Македонија, во новиот состав на Советот при Агенцијата за промоција и подршка на туризмот на РСМ, место добива непозната организација што ги збунува претставниците од туристичкиот сектор. 

Во однос на начинот на раководење со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот досега повеќепати јавно сме ги  изразиле нашите ставови, а воедно сме ја известиле и Владата на Република Северна Македонија. Имено последен пат Советот одржал состанок пред 16 месеци со што грубо се прекршува член 17-б од Законот за основање на Агенција за поддршка и промоција на туризмот, според кој Советот треба да заседава еднаш на секои три месеци.

Изминатиот период НАИТМ како докажана релевантна организација на агенциите за дојдовен туризам даваше несебичен придонес во работата на сите тела каде учествувала со внимателно и чесно подготвени предлози кои произлегуваат од работата на своето активно, професионално и стручно членство.

Според тоа реагираме во врска со решението за формирање Совет на Агенција за промоција и поддршка на туризмот донесено од страна на директорот Љупчо Јаневски на 31.03.2022 година каде наместо НАИТМ место во Советот добива непозната организација со сличен назив што создава забуна кај претставниците на туристичкиот сектор и затоа отворено ги поставуваме следните прашања до директорот, а кои логично се наметнуваат:

  1. Дали се чекаше 16 месеци за да истече мандатот на претходниот Совет и да ги исклучите од истиот тие кои ви укажуваат на слабостите?
  2. Дали со ова решение е доделено место на организација со сличен назив со разлика од само една буква НАИТ(А)М со цел да се создаде лажен впечаток дека Асоцијацијата за дојдовен туризам партиципира во работата на Советот при АППТ?
  3. Дали за именуваниот претставник на непознатата асоцијација НАИТ(А)М, г-н Александар Коневски се воделе или се водат кривични постапки?
  4. Дали именуваниот член на Советот г-н Алексендар Коневски има пресуди за кривични дела?

Следствено, останува нејасно дали на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, развојот на туризмот и е воопшто помеѓу приоритетите на работа. Националната асоцијација за дојдовен туризам и натаму останува посветена на туризмот и ќе придонесува чесно, стручно и професионално за изноаѓање на решенија за надминување на предизвиците со кои се соочува туризмот, но и обезбедување негова одржливост, развој и постигнување додадена вредност во економијата.

За жал и покрај напорите на реалниот сектор останува впечатокот дека туризмот се уште не е препознаен економски сектор.